Ситуацијата со корона вирусот може да донесе ново одложување на воведувањето на нови правила во спортот дури до 2023 година, тврди шефот на Ред бул рејсинг, Кристијан Хорнер.
ФИА, тимовите и сопственикот на Ф1 „Либерти медија“ веќе ги одложија предвидените правила за 2021 за една сезона, но Хорнер смета дека поради финансиските проблеми и недостатокот на приходи на тимовите може да предизвикаат нови одложувања. Во Ф1 досега се откажани две трки (Австралија и Монако), а дури шест се одложени за неопределено време.
„Секако, можеби ќе мораме да ги одложиме правилата за една сезона, бидејќи би било целосно неодговорно да се постави товар на развој на тимовите во 2021 година. За среќа има разум во Ф1 и ФИА може да делува за доброто на сите. Најважното сега е стабилност“, вели Хорнер во интервју за „Би-би-си“.
Најголемиот дел на парите во Ф1 доаѓаат од правата за оддржување трки, ТВ-правата и спонзорските договори, а во моментов сите три извори се „ограничени“.
„Сите тимови го чувствуваат влијанието, посебно најмалите, така што најважно е да ги заштитиме, но спортот ќе преживее“, вели Хорнер.