Во тимот на Ред бул веќе нема да ги толерираат слабите резултати на Пјер Гасли, откако потврдија дека Французинот од Белгиското ГП во Спа ќе биде заменет со досегашниот возач на јуниорскиот Торо росо, Александер Албон.

Французинот имаше кошмарка половина од сезоната покрај Макс Ферстапен, освојувајќи 63 поени и ниту еден пласман на подиумот, додека Холанѓанецот освои 181 поен и двапати победи. Од друга страна Британецот со тајландски пасош, Албон ги надмина очекувањата и ќе добие голема шанса да вози болид со кој може до победа.

„Ред бул се во уникатна позиција да имаат четири талентирани Ф1 возачи под договор кои можат да ротираат во двата тима. Следните девет трки ќе ги проценуваме перформансите на Алекс за да се одлучи кој во 2020 ќе биде во седиштето покрај Макс“, се вели во соопштението на Ред бул.

Гасли пак, ќе се врати во Торо росо, каде што ќе биде партнер на Русинот Данил Квјат, кој оваа година се врати во тимот и го оствари првиот подиум за Торо росо на Германското ГП. Квјат има 27 поени, додека дебитантот Албон 16.