Спортскиот директор на Рено, Сирил Абитебул вели дека Ред бул рејсинг не може да го обвинуваат францускиот производител за неуспехот во борбата за титулата оваа сезона.
Даниел Рикардо е петти, а Макс Ферстапен шести во генерален пласман, додека Ред бул има 122 поени заостанување зад Мерцедес. Иако во првите девет трки оваа сезона имаа три победи, со што го израмнија скорот од минатата година, низата откажувања во текот на летото повторно направи голема разлика од лидерите. Абитебул вели дека вината не е кај нив.
„Моторот е доволно добар за болидот да биде на пол-позиција и да се бори за победи. Ред бул самите го докажаа тоа. Но, проблемите се само нивни и без нив ќе се бореа за трофејот. Само две откажувања оваа сезона се поради моторот“, вели Абитебул.
Ова е последна епизода во војната на зборови меѓу Ред бул и Рено, откако тимот реши од следната сезона да вози со мотори на Хонда, по долга и успешна соработка, која донесе четири титули за австрискиот тим.