Даниел Рикардо се сомнева дека некој го блокирал неговиот евентуален трансфер во Ферари во 2019 година, откако Австралиецот реши да го напушти Ред бул и да замине во тимот на Рено.

Австралиецот бил во преговори да го замени Кими Раиконен за 2019 година, но овие преговори пропаднаа, наводно поради финансиските барања на Рикардо, и Ферари се реши да го промовира Шарл Леклер како партнер на поранешниот колега на Рикардо, Себастијан Фетел од следната сезона.

„Не можам да кажам зошто. Кој вели дека сум барал многу пари? Јасно е дека некој не сакаше јас да дојдам во Маранело. Кој? Би сакал да знам, но можеби имам идеја за кого се работи. Се надевам дека направија вистински избор со Леклер, а околу мене, уште сум млад и можеби ќе има шанса да се сретнеме повторно“, изјави Рикардо во интервју за италијанскиот портал „Аутомото“.

Со оваа енигматична изјава Рикардо како да сакаше да го посочи токму Фетел, со кого имаше една бурна сезона во Ред бул (во која беше далеку подобар од него) како главната пречка за трансферот во Ферари. Останува да се види дали Ферари ќе се изјасни за ова.