Top Sport

Рикардо се враќа во Ф1 – Алфа Таури го отпуштија Де Фрис по само 10 трки

Австралиецот Даниел Рикардо се враќа на Формула 1 на Унгарското ГП како замена за Холанѓанецот Ник де Фрис, откако шефовите на Ред бул решија да го отпуштат Де Фрис по 10 незадоволувачки трки зад воланот на нивниот Б-тим, Алфа Таури.

Рикардо веќе возеше две сезони за тимот, во 2012 и 2013 година, кога тој беше познат под името Торо Росо, а лани остана без место во Ф1 откако Мекларен му го раскинаа договорот една година предвреме.

„Презадоволни сме што можеме да му порачаме добредојде назад на Даниел. За неговите квалитети нема збор, а тој добро познава повеќе членови на нашиот тим. Секој тим би посакал искуство на возач кој зад себе има осум победи“, вели шефот на Алфа Таури, Франц Тост.

Де Фрис дебитираше во Ф1 минатата сезона, кога Вилијамс го повикаа како замена за Алекс Албон, и тој имаше одлична трка – стартуваше како осми, а заврши како деветти. Но, оваа година, тој има катастрофални резултати и 12. место во Монте Карло останува неговиот најдобар резултат. Тој беше најспор на квалификациите за Австриското ГП, и последен на трките во Канада и во Силверстоун.

Scroll to Top