Top Sport

Розберг станал шампион бидејќи се откажал од велосипедот?

Минатогодишниот светски шампион во Формула 1, Нико Розберг верува дека одлуката да сопре со велосипедизмот му помогнала лани да ја освои светската титула.  Зошто?

Според Германецот, со тоа тој добил шанса да ослаби пред клучните последни трки од сезоната и во исто време го „збунил“ ривалот, колегата Луис Хамилтон. Розберг ја освои титулата лани со само 5 поени разлика пред Хамилтон откако беше втор во последните четири трки од сезоната. Хамилтон победи на сите тие трки, но според Розберг, клучни биле претходните трки во кои Хамилтон „утнал“ поради менталните игри на Германецот.

„Секој детал е важен. Во летната пауза лани решив да престанам со велосипедизмот бидејќи мускулите на нозете се меѓу најтешките на телото. Ослабев еден килограм тој август и кога се вративме, три трки подоцна дојде Јапонското ГП. Еден килограм е 0.04 секунди по круг кога си на границата со тежината на болидот. Во Сузука бев на пол-позицијата за 0.03 секунди. Помалите мускули на нозете ме донесоа на пол-позицијата и тоа направи мешаница во главата на Луис и тој беше слаб на стартот. Јас бев прв, тој беше трет и потоа имав доволно поени да одам мирно со втори места до крајот на сезоната“, открива Розберг.

Тој исто така ја разјаснува својата одлука да се повлече од спортот само пет дена по освојувањето на трофејот, откривајќи дека имал решено пред последната трка од сезоната.

„На стартот во Абу Даби пред трката се обидував да медитирам, но ништо не функционираше. На крајот функционираше помислата дека ова е мојата последна трка. Тогаш си кажав: ’ОК, оди да уживаш, ова може да е последниот пат’. Стресот веднаш исчезна“, додава Розберг.

Scroll to Top