Шпанската рели легенда, Карлос Саинс (Мини) е нов лидер на Дакар релито 2020 по убедливата победа на третата етапа во вторникот.
Саинс стана трет различен возач на Мини со етапна победа на славното рели, кое оваа година се оддржува во Саудиска Арабија, поставувајќи најдобро време на 427 километри долгата етапа околу Неом.
Тој на крајот имаше 3:31 предност пред актуелниот шампион Насер Ал-Атијах (Тојота) и има 5 минути предност во генерален пласман. Стефан Петерхансел, уште еден возач на Мини, беше блиску до Саинс во текот на целиот ден, но на крајот загуби 10 минути на третото место.
Двократниот Ф1 шампион, Фернандо Алонсо, кој загуби повеќе од два часа во понеделникот поради поправки беше петти најбрз со само шест минути послабо време од Саинс. Лидерот пред стартот на етапата, Аргентинецот Орландо Теранова загуби 13 минути, но останува трет во генерален пласман.
Во пласман на мотоцикли имаше хаотична етапа во која поради проблем со ГПС системот не се сметаа последните 38 километри од етапата и имаше конфузија на финишот. На крај, Американецот Рики Бребек стигна до победата пред Хуан Игнасио Корнехо, но наместо со 9:39 разлика со само 5:56, Жоан Бареда Барт падна од третото на шестото место, додека трет беше Кевин Бенавидес.
Во генерален пласман, Бребек има 4:43 предност пред Бенавидес, а Австриецот Матијас Валкнер е трет.