Top Sport

Дринквотер треба да ги спасува Астон вила од испаѓање

Поранешниот англиски репрезентативец Дени Дринквотер се приклучи на Астон вила на позајмица до крајот на сезоната и ќе се обиде славниот клуб од Бирмингем да го спаси од испаѓање од Премиер лигата.

29-годишниот Дринквотер, кој стана славен во шампионската генерација на Лестер, е фудбалер на Челси, но првата половина од сезоната ја помина во Барнли, каде што имаше само два настапи, по што клубот го врати во Челси.

„Дени беше клучен член од шампионскиот тим на Лестер и играл за англиската репрезентација, така што искуството е огромно и тој ќе биде големо засилување за нас“, изјави тренерот на Вила, Дин Смит.

Се верува дека Вила ќе мора да ја плаќа целосната плата на Дринквотер од 110.000 фунти неделно. Ова е најлоша сезона во кариерата на Дринквотер, одбележана со повреди, но и со проблеми надвор од теренот, откако во септември беше истепан пред еден ноќен клуб во Манчестер. Френк Лампард веќе јасно му кажал дека тој нема иднина во Челси, иако е под договор до 2022 година. Астон вила се на само еден поен од зоната за испаѓање во Премиер лигата.

Scroll to Top