Рели легендата, Карлос Саинс стигна до својата втора победа на Дакар релито, триумфирајќи во неговиот последен настап, но и последниот настап на Пежо како официјален производител на трката.
Двократниот шампион од ВРЦ шампионатот не ги заврши претходните три Дакар релија како фабрички возач на Пежо, за четвртиот пат да му биде среќен. Откако го „преживеа“ опасниот старт во Пару, Саинс, кој претходно победи со Фолскваген во 2010 година, стана лидер со две етапни победи во Боливија, по што доби контроверзна казна за „блискиот контакт“ со квад возач, која потоа му беше повлечена.
Congratulations to Carlos Sainz for his incredible victory on the Dakar 2018! Many thanks to the #DreamTeam for their 3rd consecutive win in the world’s toughest rally. Farewell Dakar, and what an adventure! #WeLoveDust pic.twitter.com/zknr4FBR49
— Peugeot (@Peugeot) January 20, 2018
На крајот, по последната етапа, Шпанецот имаше 44 минути предност пред најблискиот ривал, ексшампионот Насер Ал-Атијах во Тојота, додека подиумот го комплетираше уште еден возач на Тојота, победникот на последната етапа, Јужноафриканецот Жиниел де Вилиер.
13-кратниот шампион од релито, Стефан Петерхансел на крајот беше четврти откако по два судири во текот на релито не успеа да обезбеди подиум.
Австриецот Матијас Валкнер е шампион во класата на мотоцикли, носејќи ја неверојатната 17-та победа во низа на австрискиот производител КТМ.
Валкнер ја заврши саботната 120 километарска етапа со 5:38 заостанување зад Аргентинецот Кевин Бенавидес, но тоа беше доволно да стигнедо првата победа на Дакар, до која стигна помалку изненадувачки со само една етапна победа.
Австриецот беше еден од мотоциклистите кои не се „загубија“ на маратонската етапа, и наследи огромно водство откако Адриен ван Беверен падна и го повреди ’рбетот. На крајот Валкнер беше 17 минути пред Бенавидес, а шампионот од 2016 година, Тоби Прајс беше на третото место.
Рускиот возач на Камаз, Едуард Николаев стигна до втората победа едноподруго во пласаман на камиони победувајќи го Белорусинот Сјархеј Вјазович (МАЗ) со фантастични четири часа разлика. Ова е трета титула за Николаев, додека Камаз стигнува до 14 победа во последните 18 трки.
Чилеанскиот возач Игнасио Касале пак стигна до својата втора победа во пласман на квадови (по 2014), завршувајќи 1 час и 39 секунди пред најблискиот ривал, Николас Кавиљасо.