Top Sport

Семејството го објави последното интервју на Шуми пред несреќата

Семејството на Михаел Шумахер преку официјалниот веб-сајт на германскиот тркачки великан објави досега невидено интервју на легендата, последно снимено пред несреќата на скијање во декември 2013 во која Германецот доби сериозни повреди на мозокот.

Интервјуто, кое можете да го погледнете на линкот (ТУКА), е датирано на 30 октомври 2013 година, речиси два месеци пред неговата несреќа. Германецот, за чија здравствена состојба доаѓаат многу малку информации, ќе наполни 50 години во јануари.

Во интервјуто, поранешната ѕвезда на Ферари и Мерцедес зборуваше за најемотивниот момент во кариерата – првата титула со Ферари.

„Најемотивниот момент секако ќе остане титулата која ја освоив со Ферари во Сузука во 2000 година. По паузаз од 21 година, Ферари стана шампион преку навистина посебна победа“, вели Шумахер.

Тој исто така беше запрашан кој е неговиот најголем ривал во спортот и тука го издвои финскиот двократен шампион, Мика Хакинен од кого го загуби титулите во 1998 и 1999 година, но со кого секогаш имале „фер и остри битки“.

Шуми зборува и за разликата меѓу „старата“ и новата Ф1.

„Многу работи се сменија, но тоа не значи дека Ф1 престана да биде еден од најтешките спортови. Подготовките се клучни за овој спорт“, вели Шумахер.

На крајот, тој зборува за развојот на вештините како возач и за талентот, нешто што може да послужи и како совет за неговиот син, Мик Шумахер, кој исто така гради кариера во мотоспортот, освојувајќи ја Европската Ф3 титула оваа година.

„Талентот е многу важен во тркањето, но како во секој спорт, тој мора да се развива. Картингот дава добра основа за покажување на талентот, но потоа следува тешка работа“, завршува Шуми.

Scroll to Top