Додека се чека стартот на сезоната во Мото ГП стигна потврда дека е откажана уште една трка. Оваа година нема да се вози Големата награда на Јапонија. Во петокот стигна потврда дека годинава нема да има трки во Велика Британија и Австралија.
Дорна во соработка со надлежните органи донесе одлука сезонава да нема трка на патеката „Твин Ринг Мотеги“. Според календарот во Јапонија требаше да се вози на 18 октомври.
Мото ГП во Јапонија се вози од 1999 година, на „Монтеги“ трка повторно ќе има во 2021 година. Откажувањето на трката најмногу ќе ги погоди јапонските тимови Хонда, Сузуки и Јамаха, за нив ова е домашна трка.
Сезоната во Мото ГП ќе стартува на 19 јули во Херес каде треба да се возат две трки.