Новокрунисаниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон вели дека ќе седне со своите шефови во Мерцедес Ф1 следниот месец да разговара за продолжување на договорот.
Договорот на четирикратниот шампион завршува на крајот на 2018 година, и тој претходно инсистираше дека планира да остане во „Сребрената стрела“, иако не се брза да склучи нов договор.
„Зборувавме за тоа пред неколку недели во фабриката, и се договоривме дека кога ќе слегнат работите ќе седнеме да разговараме. Тоа е лесен процес. Веќе имаме големи работи поставени за иднината и само треба да го продолжиме и засилиме тоа. Сигурен сум дека ќе имаме доволно време за тоа“, вели Хамилтон.
Носителот на рекордни 72 пол-позиции во Ф1, вели дека не планира брза пензија.
„Уживам во возењето најмногу во кариерата. Дали имам две, неколку или само една година во Ф1, ќе продолжам да работам. По Ф1 има долг живот, а верувам дека во кариерата ќе имам уште добри моменти. Сега го нема притисокот и имаме уште две трки да ја завршиме сезоната“, додава Хамилтон.