Top Sport

Шефот на Ферари, Биното го повика Фетел на „рапорт“ во Италија

Ферари објавија соопштение со кое потврдија дека Себастијан Фетел бил на состанок со шефот на тимот Матија Биното во седиштето на тимот во Маранело по Руското ГП минатиот викенд, каде што тој ги игнорираше тимските наредби да го пропушти Шарл Леклер.

Фетел го помина Леклер во првиот круг во Сочи, по што од тимот му порачаа да го пушти Леклер како дел од предвидената стратегија. Фетел одби, но потоа неславно ја заврши трката со откажување на моторот, што во исто време им дозволи на Мерцедес да стигнат до 1-2 победа.

Ова уште еднаш ја покажа тензијата во италијанскиот тим, и Ферари потврдија дека Германецот бил на состанок со Биното.

„Себастијан го започна денот со позитивен и конструктивен состанок со шефот Матија Биното пред да се приклучи на инженерите. Попладнето, беше време за работа во симулаторот“, се вели во соопштението на Ферари.

Фетел, пак, го намали значењето на состанокот, велејќи дека „и така одел накај Италија“.

„Доаѓав во Маранело, и штета што толку ретко доаѓам во фабриката. Се надевам дека ќе имам повеќе време за вакви посети, но имаме многу трки на календарот“, изјави Фетел.

Scroll to Top