Ферари ризикуваат Себастијан Фетел да добие уште построга казна со одлуката да се жалат на одлуката на стјуардите на контроверзното Канадско ГП да го казнат со 5 секунди, вели шефот на нивниот главен ривал, Мерцедес, Тото Волф.
Наместо да одат со процесот на жалби преку ФИА, претседателот на Ферари, Матија Биното призна дека тие ја разгледуваат опцијата да го искористат „правото на ревизија“. Луис Хамилтон ја доби победата во Канада, откако Фетел доби казна од 5 секунди за „опасно“ враќање на патеката, но Волф вели дека ако Ферари продолжат тој може да добие и повисока казна.
„Казната нема да се смени. Најлошото за нив ќе биде стјуардите да ги разгледаат податоците и да одредат дека е потребна и дополнителна казна. Зборував со шефот на Ферари, Биното и тој мисли дека тоа што се случи не е 100 отсто за казна. Јас мислам дека тој греши 100 отсто. Фактот е едноставен – Фетел излета од патеката и се врати. Тој виде на ретровизорот и го истурка Луис кон ѕидот. Да не сопреше Луис, ќе имаше судир. Затоа казната е вообичаена. Да, можеби е контроверзна, но во нашиот спорт нема простор за грешки“, вели Волф.