Поранешниот шеф на Формула 1 тимот „Џордан“, Еди Џордан, верува дека актуелниот шеф на „Мерцедес“ Тото Волф и актуелниот светски првак Луис Хамилтон, од 2021 година ќе се преселат во „Ферари“.
Според Џордан, Хамилтон од 2021 година сигурно ќе се пресели во „Ферари“, а со него ќе одел и Волф кој требало да го заштити од Шарл Леклер.
„Кариерата на Хамилтон се ближи кон крајот, но тој и понатаму сака да освои седум или повеќе титули. Сметам дека в 2021 година ќе биде вистинското време да се пресели во „Ферари“. Покрај тоа и договор на Волф со „Мерцедес“ истекува кон крајот на наредната година, а и иднината на тимот во Формула 1 е нејасна. Во исто време Луис константно зборува за договорот на Волф, што е невообичаено за пилотите во Формула 1“, рекол Џордан.
„Хамилтон ќе се пресели во „Ферари“ само доколку има некој што ќе може да го заштити од лидерството на Леклер. Убеден сум дека Луис во 2021 ќе стане пилот на „Ферари“, а со него во тимот ќе пристигне и Волф. Дали „Ферари“ ќе го отпуштат Леклер? Не им се потребни двајца со статус број 1, но нема да го отпуштат“.
Луис Хамилтон (34) во кариерата шест пати бил светски првак, 2008, 2014, 2015, 2017, 2018, 2019.