Седумкратниот Формула 1 шампион Михаел Шумахер добива лекарски третмани насочени кон враќање во „понормален“ живот за Германецот, вели неговиот поранешен шеф и близок пријател, претседателот на ФИА, Жан Тод.
Тод е еден од ретките луѓе кои имаат шанса да останат во близок контакт со Шумахер по страшната несреќа на скијање во 2013 година по која Германецот доби сериозни повреди на мозокот. Тој неколку пати бил во посета на семејството Шумахер, и сега вели дека лекарите прават многу за да го повратат здравјето на Шумахер за тој да се врати во нормалниот живот, колку што е тоа возможно.
„Сакам да останам многу дискретен на оваа тема. Сите знаеме дека Михаел имаше сериозна несреќа, која за жал, имаше значителни последици за него. Оттогаш, тој добива третман за да се врати во понормален живот“, вели Тод во интервју со „Ест Франс“.
Додека Шумахер го продолжува опоравувањето, неговиот 21-годишен син следната сезона ќе вози во Ф1 со американскиот тим Хас.
„Тој беше шампион во Формула 3 во 2018 и во Формула 2 оваа година. Сега, следува најтешкиот чекор за него, Формула 1“, вели Тод.