Top Sport

Трилер во пустината – Ферстапен мораше да му го предаде водството и победата на Хамилтон!

Седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон е победник на првата трка од новата сезона во Формула 1, триумфирајќи на спектакуларното Бахреин ГП пред Макс Ферстапен по фантастична битка во последните кругови, која дава надеж дека сезоната 2021 ќе биде неизвесна и возбудлива за фановите.

Откако го загуби водството од пол-позицијата по влегувањето во боксот, Ферстапен, конечно, успеа да го стигне и да го помине Хамилтон на три круга пред крајот, но бидејќи излезе надвор од патеката веднаш му го пропушти првото место на шампионот. Гумите на двајцата возачи беа драматично потрошени и иако во последниот круг Макс се доближи до Мерцедес, немаше сила за уште едно претекнување.

Валтери Ботас заврши на третото место во вториот Мерцедес, освојувајќи дополнителен поен за најбрзиот круг (во финишот), а најдобар од „остатокот“ беше Лендо Норис во брзиот Мекларен, пред вториот Ред бул на Серхио Перез во топ 5. Ферари ќе се задоволат со шестото место на Шарл Леклер и осмото на Карлос Саинс Јуниор, додека меѓу нив беше Даниел Рикардо во вториот Мекларен. Последните поени ги освоија дебитантот на Алфа Таури, Јапонецот Цунода на деветтото место и Ленс Строл во Астон Мартин на 10. место.

Трката започна со излетувањето на рускиот дебитант Никита Мазепин (Хас) уште на третата кривина на патеката Сакир, по што мораше да излезе безбедносното возило, а Ферстапен двапати ја одбрани првата позиција од нападите на Хамилтон и Ботас, веднаш на третото место.

Шансите на Ботас за борба со најдобрите беа уништени со споро влегување во боксот по проблемите со едната гума, додека Хамилтон го презеде водството со побрзо менување на гумите. Сепак, неговите „тврди“ гуми не издржаа толку долго колку што се очекуваше за со тоа да се постави трилер-завршницата на трката.

Scroll to Top