Силверстоун ќе продолжи да биде домаќин на Британското ГП, една од класичните Ф1 трки, откако организаторите објавија дека склучиле нов договор до 2024 година.
Новиот договор, презентиран од претседателот на Ф1, Чејс Кери и менаџментот на патеката Силверстоун, е мало изненадување, бидејќи се сметаше дека стариот аеродром од Втората светска војна треба да направи многу за да ги убеди „Либерти медија“ дека заслужува да биде на календарот.
„Презадоволни сме што можеме да потврдиме дека Британското ГП ќе остане на календарот барем во следните пет години и тоа на стариот дом на трката, историската патека во Силверстоун“, изјави Кери.
Силверстоун во 2017 година активираше клаузула во стариот договор со што 2019 ќе беше последната трка на патеката бидејќи сметаа дека условите на претходниот договор (склучен со Берни Еклстоун) се финансиски неповолни за нив.
Седум од 10-те Ф1 тимови имаат бази во Велика Британија, а Силверстоун е патеката на која се оддржа првата Ф1 трка во 1950 година.