Трикратниот Формула 1 шампион, Ники Лауда си замина од болницата во Виена по успешната трансплантација на бел дроб во август.
69-годишниот советник и не-извршен претседател на Ф1 тимот на Мерцедес имаше шестчасовна операција откако беше донесен во критична положба и се стравуваше за неговото опоравување. Сега од болницата најавија дека утре ќе одржат прес-конференција, но дека Лауда си заминал во „добра состојба“, иако сега треба да помине неколку недели на интензивна рехабилитација.
Лауда доби сериозни повреди при судирот во Нирбургринг во 1976 година, кога покрај изгорениците на лицето доби и оштетување на белите дробови. Тој имаше чудесно враќање во Ф1 и по титулата во 1975 година, освои уште две титули во 1977 и 1984 година. Не се очекува тој да биде способен да присуствува на ниту една трка оваа сезона.