Top Sport

Вилијамс со целосно нов изглед во новата сезона

Славниот тим на Вилијамс го откри својот болид за 2019 со целосно нов изглед и шефицата Клер Вилијамс вели дека се работи за „нова генерација“ на тимот кој еднаш доминираше во спортот, но лани беше најслабиот во Ф1.

Иако вистинскиот ФВ42 болид нема да биде откриен до првиот ден зимско тестирање во Барселона на 18 февруари, во фабриката во Гроув ги покажаа новите бои по спонзорството на „Рокит“, телекомуникациската компанија.

Деветкратните шампиони кај конструкторите завршија на последното место лани првпат во нивната историја со само седум освоени поени, по што имаше низа промени.

„Лани беше многу тешко за нас. Ти ја уништува душата кога си последен. Но, го заддржавме главното, луѓето кои веруваат во овој тим и целта е новата сезона ќе биде подобра“, вели Клер Вилијамс, ќерката на основачот на тимот, Сер Френк Вилијамс.

ФВ42 е втор болид кој ќе го дизајнира поранешниот прв човек на Мерцедес, Педи Лоув, а во тимот оваа година ќе вози полскиот ветеран 34-годишниот Роберт Кубица, кој се враќа во спортот седум години по сериозната повреда на раката на рели трка, како и младиот Ф2 шампион, 20-годишниот Џорџ Расел, прв Англичанец во тимот по Џенсон Батон во 2000.

„Ќе биде возбудливо да се гледа таа двојка. Последните месеци поминавме низ трансформација, а Џорџ и Роберт се новата генерација“, вели Вилијамс.

Scroll to Top