Поранешниот светски шампион Жак Вилнев вели дека никогаш не кажал дека Луис Хамилтон се однесува како Исус Христос. Оваа изјава беше пренесена низ повеќе угледни Ф1 медиуми, но светскиот шампион од 1997 година вели дека изјавата е извадена од контекст.
„Никогаш не кажав таква изјава за тој медиум. Тоа не беше одговор на прашање“, вели Вилнев во интервју за весникот „Ле журнал де Монтреал“.
Вилнев исто така вели дека никогаш не изјавил дека Вилијамс, тимот со кој ја освои титулата е „мртов тим“.
„Никогаш не кажав дека тимот е мртов, туку дека умира. Тоа не е иста работа. Моите коментари беа преведени на германски, а потоа и на други јазици. Тогаш се губи вистинското значење“, се правда 47-годишниот Канаѓанец.