Top Sport

Волф: Глупости! Мерцедес не помагаше на Ферари

Шефот на Ф1 тимот на Мерцедес, Тото Волф вели дека се „глупости“ тврдењата на Берни Еклстоун дека тој заедно со Светската автомобилистичка федерација (ФИА) и Мерцедес помогнале Ферари да биде поконкурентен оваа сезона.

Еклстоун, кој во саботата го прослави својот 87. роденден, над 40 години беше во целосна контрола на Формула 1 пред продажбата на правата на американската „Либерти медија“, и тврдеше дека за доброто на спортот сите помагале Ферари да биде посилен тим. Ова доаѓа по шпекулациите дека Мерцедес помогнал со експертизата во изградбата на моторите на Ферари оваа сезона.

Шефот на Ред бул, Кристијан Хорнер го нарече ова „вообичаено размислување на Берни“, но не отфрли целосно таква можност.

„Јасно е дека имаше тесна врска меѓу Ферари и Мерцедес. Начинот на кој се однесуваат на состаноците го покажува тоа. Но, би бил изненаден да имаше директна помош“, вели Хорнер.

Волф, пак, беше лут на обвинувањата нарекувајќи ги „рачна бомба“ на Еклстоун.

„Берни е единствената личност која може да фрли рачна бомба од другата страна на светот која паѓа во Ф1-боксот и експлодира. Ги сакам неговите приказни. Ми недостасува на состаноците, но ова што го зборуваше беше целосна глупост“, изјави Волф за германскиот весник „Билд ам зонтаг“.

Еклстоун открива: ФИА помагаше Ферари да победува!

Scroll to Top