Top Sport

Волф не ја исклучува можноста Фетел да дојде во Мерцедес во 2025 година

Шефот на Мерцедес, Тото Волф, денеска изјави дека Себастијан Фетел „никогаш не треба да биде исклучен“, откако четирикратниот светски шампион најави можно враќање во Формула 1.

Фетел, кој се повлече од Формула 1 на крајот на 2022 година, на почетокот на неделава откри дека водел неформални разговори со Волф, кој следната година мора да најде замена за седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон, кој се сели во Ферари.

Пред трката за ГН на Јапонија, Волф изјави дека неговиот тим се уште не го избрал наследникот на Хамилтон.

„Тоа не е нешто што планираме да го направиме во следните неколку недели. Пазарот на возачи е динамичен. Некои од најдобрите возачи наскоро ќе потпишат за други тимови. Сакаме да продолжиме да разговараме и да ги држиме сите опции отворени, но во оваа фаза е рано да се посветиме на тоа“, рече Волф.

Зборувајќи за периодот во кој Фетел не е во Формула 1, Волф изјави дека понекогаш паузата е добра за да се направи проценка за она што е важно и да се најде мотивација.

Трикратниот светски шампион, Холанѓанецот Макс Ферстапен се најде на врвот на листата на желби на Волф. Како можни клупски колеги на Британецот Џорџ Расел во Мерцедес се споменуваат младиот италијански Формула 2 возач Кими Антонели и Германецот Мик Шумахер. Исто така со тимот се поврзуваат и Шпанците Фернандо Алонсо и Карлос Саинц.

Волф призна дека со нетрпение очекува да го процени талентот на 17-годишниот Антонели на идните Формула 1 тренинзи.

„Тој долго време е наша млада надеж и едвај чекаме да видиме што може да направи во болидидот на Формула 1“, рече Волф.

Scroll to Top