Top Sport

Колкави се платите на судиите во Европа?

Британски „Атлетик“, во опширен текст објави колкави се палтите на фудбалските судии во најсилните пет национални шампионати.

Во Европа, најмногу заработуваат судиите во шпанската Примера. Судиите во елитните редови на шпанскиот фудбал имаат загарантирана „сезонска“ плата од 150.000 евра. Плус 4.900 евра за водење на натпреварот. ВАР судиите по натпревар заработуваат по 2.500 евра.

Покрај тоа, судиите заработуваат и од реклами затоа што на нивните дресови стои логото на компанијата „Вурт“. Според тој спонзорски договор, судиите добиваат околу 25.000 евра годишно. Значи, ако еден судија, суди 20 натпревари во Примера во една сезона, на крајот ќе заработи вкупно околу 273.000 евра.

На второ место е Бундеслигата. Фиксната плата на арбитрите се движи од минимум 60.000 до максимални 80.000 евра годишно. Просечнотоа е околу 70.000 евра за поискусен судија. Помалку отколку во Шпанија, но и таксите за натпревари се повисоки.

Главниот судија заработува 5.500 евра по натпревар во Бундеслигата, додека ВАР судиите добиваат 2.000. Просечен судија во Бундеслигата може да заработи околу 180.000 евра по сезона.

Најбогатата европска лига, англиската Премиер лига се наоѓа на третото место.

Главните судии во елитниот ранг на англискиот фудбал имаат фиксна плата од минимални 85.000 евра до максимални 170.000 евра. Во зависност од рангот на судијата. Но заработуваат „само“ 1.300 евра по натпревар или 1.000 евра во случајот со ВАР судиите. Ако главниот судија би судел 20 натпревари во Премиер лигата, на крајот од сезоната би бил побогат за околу 151.000 евра.

Треба да се напомене дека најдобрите судии заработуваат и од делењето на правдата во европските купови. Од Лигата на шампионите до Конференциската лига, нема фиксна такса. Судијата заработува 200 евра од ангажман (од денот на тргнување до враќање), уште 200 евра дневница за трошоци (превоз, хотел, паркинг…) и паричен надомест за судење на самиот натпревар.

Тука УЕФА ги дели судиите и помошниците во две категории: прва (оние кои земаат помали плати) и елитни (оние кои земаат повисоки плати). За оваа втора категорија таксите се: 5.000 евра за натпревар до осминафиналето и 6.000 евра за натпревари од четвртфиналето до финалето.

Scroll to Top