Луис Хамилтон може да не се опорави од „болката“ што рекордната осма светска титула му била „грабната“, вели шефот на Мерцедес, Тото Волф, откако „сребрената стрела“ потврди дека нема да продолжи со жалбата за последната трка во Абу Даби, но и дека нема да присуствуваат на вечерашната гала-вечера кога ќе му се додели титулата на Ферстапен.
Хамилтон ја загуби титулата откако Макс Ферстапен го претекна во последниот круг на трката на патеката Јас Марина, откако директорот на трки на ФИА, Мајкл Маси ги смени процедурите за безбедосното возило за да дозволи трка во последниот круг.
„Ќе биде потребно долго време да сфатиме што се случи во неделата. Не верувам дека некогаш ќе го надминеме тоа чувство. Сигурно не Луис како возач. Никогаш нема да ја надминеме болката и шокот кој ни беше предизвикан. Се надевам дека Луис ќе продолжи да се трка бидејќи е најдобриот возач на сите времиња. Како тркач, неговото срце ќе каже дека мора да продолжи бидејќи е на врвот на своите квалитети. Но, прво мора да ја надмине болката која му беше предизвикана во неделата. Тој е човек со силни вредности. Сигурен сум дека ќе ја добиевме легалната битка, но има разлика помеѓу вистинската одлука и добивањето правда“, вели Волф.
Тој вели дека немал контакт со Мајкл Маси, ниту сака да има.
„Не сум заинтересиран да имам разговор со Мајкл Маси. Одлуките кои ги направи во последните четири минути од трката значеа грабеж на заслужената титула на Луис Хамилтон. Тој поведе и не го пропушти водството. Да биде ограбен во последниот круг од трката е нерпифатливо“, додава Волф.