Шефот на Мерцедес, Тото Волф инсистира дека обидот на Фелипе Маса да го промени исходот на шампионатот од 2008 година може да создаде вистински хаос во спортот.
Бразилецот со тужба за „заговор“ бара да му биде доделена титулата во 2008 година, која ја освои Луис Хамилтон во Мекларен. Маса, тогаш зад воланот на Ферари ја загуби титулата за само еден поен, но смета дека бил направен заговор на Сингапур ГП трката кога тимот на Рено му нареди на Нелсон Пике Јуниор намерно да се удри за да направи предност за колегата, Фернандо Алонсо. Волф не се согласува со постапките на 42-годишниот Маса.
„Ако сите ги отвараат таквите ситуации, тогаш нашиот спорт ќе биде во вистински хаос, посебно ако се гледа исходот на шампионатите. Ние ги потпишуваме спортските регулативи кои се многу јасни и многу работи влијаат на тоа дали ќе победите или ќе загубите. Затоа не гледам тежина во тој случај“, вели Волф.
Маса, пак, вели дека луѓето во Ф1 мораат сериозно да го сфаќат неговиот случај.
„Јас барам правда, остварување на сонот од детството, титула за цел Бразил и за сите тифози“, вели Маса.