И покрај солидната трка во Мајами и освоеното петто и шесто место, Тото Волф, првиот човек на Мерцедес, нема многу причини за задоволство. Џорџ Расел на петтата и Луис Хамилтон на шестата позиција беа најдобри во остатокот од Формула 1 караванот, бидејќи годинава се чини дека Ферари и Ред Бул се неприкосновени.
Волф верува дека овој ефект на сребрените стрели до одреден степен бил плод на среќата.
„Расел долго време остана на патеката со стари гуми, а излегувањето на возилото за безбеност му овозможи тоа да го материјализира. Тој успеа да го помине Луис и се заврши како што заврши. Сепак, ни најмалку не сме среќни, бидејќи е јасно дека имаме многу проблеми. Сè уште сме на ничија земја“, рече Волф.
Првиот човек на Мерцедес истакнува дека очекувал да биде поконкурентен на Флорида.
„Јасно е дека сме трета најбрза екипа во моментов. На тренинзите, особено во петокот, делуваше дека им се доближивме на Ферари и Ред Бул. Сепак, не бевме ни блиску до нив во квалификациите и трката“, истакна Волф.
Следната трка во шампионатот ќе се вози во Барселона на 22. мај.