„Twingo Cup“ по успешната прва сезона во 2020 година повторно ќе биде во центарот на вниманието на љубителите на „високите октани“ во Македонија. Новата натпреварувачка сезона стартува овој викенд (22 и 23 февруари) и тоа на патеката „Гробник“ во Хрватска.
Осум македонски натпреварувачи, ќе ги тестираат своите квалитети на интернационално ниво: Мартин Делев, Давид Малинковски, Ангелче Стојковски, Емил Нацка, Слободан Трајковски, Иван Стефановски, Владимир Треневски и Мартин Костовски.
На стартот на „Гробник“ ќе се појават дури 30 автомобили „Twingo“, бидејќи покрај нашите натпреварувачи учество ќе земат и натпреварувачи од „Estet Twingo Cup“ и „Italian Entry Cup“.
Според програмата, во сабота (22 февруари) ќе се одржат слободни тренинзи, квалификации и две спринт трки, додека во недела (23 февруари), исто така ќе има тренинзи, квалификации и четири часовна трка во издржливост.
Во натпреварувачкиот куп моделите „Renault Twingo“ се унифицирани и специјално модифицирани од страна на „Lema Racing Team3 со цел да ги има сите безбедносни и брзински карактеристики.
За овој куп планирани се осум трки (по четири кружни и ридски) согласно официјалниот распоред на Автомобилистичката федерација .
На крајот од секоја сезона првите три места се одвоени парични награди додека пак на крајот од третата сезона како главна награда на купот е 100 отсто електричното возило „Renault TWIZY“.
Официјалните спонзори на купот се: Аутомотив Груп – официјален импортер на брендот „Renault“ во Македонија, „ПСС (Power Sport System)“, „Триглав Осигурување“, „Шпаркасе Лизинг“ и компанијата „Мотул“.