Себастијан Фетел си замина од Ред бул во Ферари за да освојува титули со италијанскиот тим, но по пет години, работите не одат најдобро – тој нема победа оваа сезона додека неговиот колега Шарл Леклер има две победи во низа.
Дали тоа значи дека Германецот може да се врати во тимот со кој освои четири титули? Сигурно не, ако го прашувате советникот на тимот, Хелмут Марко.
„Немам поим каде е иднината на Фетел. Ние имавме неколку прекрасни години заедно, но сега имаме четири возачи. Фетел воопшто не е релевантен за нас“, вели Марко.
Според него, Макс Ферстапен ја потврди улогата на нова Ф1 ѕвезда, додека за второто место своја шанса ќе бараат Пјер Гасли (кој беше пратен во Торо росо) и Александер Албон, кој доби шанса по летната пауза.
„Албон добро се вклопи, имаше одлично деби и покажа дека го заслужува местото. Тоа што има тајландско потекло, а ко-сопственици на Ред бул се од Тајланд нема никаква врска. Одлуката е само наша“, вели Марко.