Top Sport

Започна релиот Дакар – Екстром и Прајс најбрзи

Австралиецот Тоби Прајс (ГасГас) беше најбрз на денешното отворање на релито Дакар во конкуренција на мотоцикли, додека кај возачите на автомобили триумфираше Швеѓанецот Матијас Екстром (Ауди).

Во Сеа Камп, покрај Црвеното Море во Саудиска Арабија, мотоциклистите се натпреваруваа во пролог долг 13 километри.

Прајс го победи сонародникот Даниел Сандерс за една секунда, а Рос Бранч од Боцвана за девет секунди. Минатогодишниот победник, Британецот Сем Сандерленд на десеттото место заостана 13 секунди.

Кај возачите најбрз беше швеѓанецот Екстром во Ауди. За секунда го победи Французинот Себастиен Леб. Трет беше уште еден Французин, Стефан Петерхансел, а по него беше минатогодишниот победник на релито, Насер ал Атија од Катар.

Прологот првенствено служи за одредување на почетниот редослед на првата етапа, која е закажана за в недела. Ќе се вози кружна етапа долга 600 километри, заедно со тест за брзина од 367 километри.

Инаку, овогодинешното рели Дакар ќе трае до 15. јануари. Ќе има 15 натпреварувачки денови, кои ќе ги однесат натпреварувачите на вкупно 8.549 километри разновидни песочни патеки.

Регистрирани се вкупно 455 екипажи или 865 возачи и совозачи, а единствениот слободен ден ќе биде 9. јануари во Ријад.

Scroll to Top