Top Sport

Ангеловски: Во второто полувреме покажавме зошто играме на ЕП

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски во изјава по денешниот меч против Украина смета дека вистинското лице на нашиот национален тим бил прикажан во второто полувреме против селекцијата предводена од Андриј Шевченко.

„Одигравме натпревар со две различни полувремиња. Во првото полувреме целта беше да влеземе претпазливо, додека во второто да влеземе егал, израмнето. Но во првиот дел сантиметри одлучуваа, поради сантиметри му беше поништен гол на Пандев. Во второто полувреме покажавме зошто сме на ЕП, дека имаме квалитет да бидеме дел од ЕП, а кога навивачите и покрај поразот со аплауз ќе ве поздрават, покажува како сме одиграле“ рече Игор Ангеловски.

Тој истакна дека на полувремето ги охрабрил играчите велејќи им дека ништо не е завршено.

„Јас кажав дека сме победени, но не сме поразени. Играчите покажаа зошто се дел од ЕП и се дел од европскиот крем. Како што го одигравме второто полувреме, така фудбалерите треба да играат и против Холандија за четири дена. Се надевам дека покрај добрата игра ќе успееме да стигнеме и до првите бодови на ЕП – вели селекторот Ангеловски.

Scroll to Top