Осум гола во Копенхаген, во осминафиналето меѓу Шпанија и Хрватска. На крајот момците предводени од Луис Енрике поуспешни со 5-3.
Шпанија доминираше во 90-те минути на стадионот „Паркен“ во Копенхаген против селекцијата на Хрватска и кога се чинеше дека заслужено ќе обезбеди пласман во четвртфиналето на ЕУРО 2020, шок од Хрватите во 92 минута. По првите 90 минути од петтото осминафинале на ЕУРО 2020 3-3.
Иако избраниците на селекторот Златко Далиќ беа тие кои први дојдоа во водство, и тоа во 20 минута, сепак Модриќ, Ковачиќ и останатите беа комплетно надиграни од расположените Шпанци.
Педри враќаше една топка од половина терен во 20 минута кон својот голман Унаи Симон, овој деконцентрирано дозволи топката од неговата нога да заврши во мрежата.
Шпанците до крајот на полувремето сериозно притиснаа кон голот на Ливаковиќ, па израмнувањето дојде во 38 минута. Сарабија налета на една топка по одбрана од противничкиот голман и ја смести во небранетиот дел од мрежата за 1-1 на полувреме во Копенхаген.
Во вториот дел Шпанија со исто темпо, топката во околу 70% од времето беше во нивните нозе, додека пак Хрватите беа главно ориентирани на зачувување на овој резултат и можност со контра напад преку нововлезениот Крамариќ и Анте Ребиќ (подоцна и Оршиќ) да го загрозат противничкиот гол.
Аспиликуета со својот првенец во националниот дрес во 57 минута ја казни летаргичноста на хрватската одбрана. Скокна највисоко во петте метри и го совлада немоќниот Ливаковиќ.
Блесок на Хрватска. Модриќ со асистенција до Гвардиол во 67 минута, овој биеше од близина, Унаи Симон со крајни напори спречи израмнување.
Токму Гвардиол беше играчот поради кој Шпанија стигна и до 3-1 на овој меч. Се играше 77 минута, една долга топка упатена кон Феран Торес на десната страна. Гвардиол помалку несреќно се лизна баш кога требаше да ја отстрани опасноста, па Шпанецот во продолжение на акцијата лесно го совлада хрватскиот голман.
Во 85-тата минута по асистенција на Модриќ и еден карамбол во шеснаесетникот на Унаи Симон, Хрватска успеа да постигне втор гол. Мислав Оршиќ ја испрати топката позади гол линијата на шпанскиот гол за неизвесни последни минути во Копенхаген.
Се играше 92 минута кога нововлезениот Пашалиќ донесе радост на трибините на „Паркен“ но и во цела Хрватска.
По една нафрлена топка од левата страна, сосема сам се најде во противничките 5 метри пред голот и со глава постигна многу значаен гол за израмнување и продолженија од двапати по 15 минути.
А во првото продолжение Хрватска беше поконкретна. 100-процентна шанса за водство пропушти Крамариќ во 96 минута. Голманот Унаи Симон му фати чист зицер.
Кај Шпанија се чини во продолжението Дани Олмо ја направи разликата. Алваро Мората, еден од најкритикуваните Шпанци постигна прекрасен гол во 100 минута за водство од 4-3 со неговиот шести гол на европските првенства. Асистенцијата беше на Олмо.
Токму поранешниот играч на Динамо Загреб – Дани Олмо одлично нафрли од десната страна, а Ојарзабал погоди лесно покрај Ливаковиќ за конечни 5-3 во 104 минута.
Во второто продолжение Хрватите немаа сили за нов подвид, па Шпанија е четвртфиналист на ЕП.
Противник на „Фуријата“ во борбата за влез во полуфиналето ќе е подобриот од вечерашниот дуел во Букурешт меѓу Франција и Швајцарија, од 21 часот.