Со своите игри на ЕУРО 2020, играчот од средниот ред во селекцијата на Италија – Мануел Локатели (23) е најбараниот во таборот на „Азурите“.
Директорот на калчолигашот Сасуоло, Џовани Карневали изјави дека единствен клуб кој досега дал реална понуда за нивниот играч е тимот на Арсенал.
„Размислуваме за неговата иднина, но моментно не сакаме да го оптоваруваме со приказни за трансфери за да остане фокусиран на настапите со репрезентацијата. Од италијанските клубови досега зборувавме само со Јувентус, а најреална понуда досега даде англиски Арсенал“ изјави Карневали за италијанските медиуми.
Тој вели дека од Сасуоло не брзаат затоа што се свесни дека би можеле да добијат и 50 милиони евра за својот играч.
Медиумите на „Чизмата“ тврдат дека од Јуве понудиле 30 милиони евра и плус уште еден играч.
Интерес за Локатели покажуваат и од Челси, Манчестер Јунајтед и Тотенхем.
Локатели потекнува од фудбалската школа на Милан, а за Италија има 13 настапи со 3 постигнати погодоци.