Top Sport

Холандија сака нова победа во низа – чешкиот селектор претпазлив

Селекторот на фудбалската репрезентација на Холандија, Франк де Бур може да биде задоволен од своите избраници на трите меча од групната фаза на ЕУРО2020 – три победи против Австрија, Украина и Македонија.

Сепак, денеска од 18 часот на „Пушкаш арена“ во Будимпешта „лалињата“ ги очекува првиот елиминациски предизвик, осминафинале против селекцијата на Чешка.

„Што би било успех на овој турнир? Ако дојдеме до полуфинале, тогаш добро сме поминале. Не само што сакаме да стигнеме и до финалето, туку и да го освоиме првенството. Но и други нешто се прашуваат. Чесите се многу добар и дисциплиниран тим, одлично организирана екипа“ рече Франк де Бур.

Селекторот на Чешка, Јарослав Шилави успеа да склопи цвртс колектив кој ќе им парира на Холанѓаните.

„Ги анализиравме сите мечеви на Холандија, имаа 30-тина прилики за гол. Едноставно мора одговорно да се браниме како екипа. Ако во ова не сме најдобри, тешко можеме да успееме“ – вели селекторот на Чешка.

И според обложувалниците Холанѓаните важат за големи фаворити, но ќе видиме дали главниот чешки адут – Патрик Шик ќе има изненадување за Стекеленбург.

Во вториот денешен меч, од 21 часот во Севилја силите ќе ги одмерат два големи фаворити за највисок пласман, Белгија со Лукаку и Португалија на Роналдо.

Scroll to Top