Хрватска на сите четири натпревари на Европското првенство играла со дресови на кои бил прикажан погрешниот грб на знамето на оваа земја, нешто што било забележано дури по крајот на натпреварувањата.
Хрватскиот фудбалски сојуз (ХНС) објави дека ќе испита како се случила оваа грешка, со која наместо првото поле на грбот да е црвено, тоа е бело, но објасни дека виновен за грешката е компанијата Ситотисак од Вараждин. Проблемот во грбот е тоа што хрватскиот коцкест грб со прво бело поле се користело за време на таканаречената Независна Држава Хрватска, нацистичката марионетска држава за време на Втората светска војна.
„Ова е лудница. Ги отфрламе сите обвинувања дека тоа е направено намерно, се работи за обична грешка“, изјави газдата на компанијата, Дамир Кумек за „Јутарњи лист“.