Капитенот на италијанската фудбалска репрезентација – Џорџо Кјелини за „Раи Спорт“ го најави финалето на ЕУРО 2020 во недела на „Вембли“ против Англија.
„Овој сон го негуваме 3 години, а селекторот тоа постојано ни го всадуваше в глава, е додека не стана реалност. Кога пред 3 години ни рече да се подготвуваме за освојување на ЕУРО, мислевме дека е луд, но еве не на прагот на тоа достигнување“ вели Кјелини.
Очекувањата им биле дека во полуфинале ќе играат со Франција, но…
„Мислевме дека во полуфинале ќе играме против Франција, а не со Шпанија. Го имаа потребниот квалитет и искуство, па сметав дека се чекор пред другите. Веднаш знаев дека Англија ќе биде сериозен кандидат за освојување на ЕП. Имаат квалитет, физички се моќни, цврсти и организирани. Можеби не играат убаво, но тешко е да ги победиш. Беа во полуфинале на СП, и можеше да се предвиди дека ќе бидат во финале на ЕУРО, па па 6 од 7 меча играат на домашен терен“ вели капитенот на „Азурите“.
Смета дека Англија има одлични напаѓачи.
„Кејн отсекогаш го обожавав. Ме импресионираше во Торино на еден од неговите настапи за репрезентацијата. Играв и против Тотенхем, па добро го познавам, но Англија не е само Кејн. Имаат извонредни крила. Нивната клупа е доволно силна да го освои ЕУРО, вчера на неа беа Грилиш, Санчо, Рашфорд, Калверт-Луин и Фоден“ смета дефанзивецот кој потенцира дека може да се очекува сјаен меч, во недела од 21 часот.