Top Sport

Лажела дека е болна, а на „Вембли“ ја бодрела Англија – следувал отказ

Англичанката Нина Фаруки била воодушевена кога нејзината пријателка освоила два билета за полуфиналниот меч на „Вембли“ меѓу Англија и Данска.

Жителката на Брадфорд тој ден требало да биде на работа, па му се јавила на шефот и му рекла дека е болна. Мислела дека меѓу 60.000 луѓе никој нема да забележи дека таа не е во постела, туку на трибините.

Се одело по планот се додека режисерот на преносот не ја покажал во крупен кадар токму неа при погодокот на Англија за израмнување. Следното утро шефот ја побарал на телефон:

„Ова е возбудливо време за сите во Англија, и би го поддржале секого да оди на вака важен меч, доколку е во можност. За жал, во овој случај нашата работничка лажеше дека е болна и со тоа го прекрши договорот за вработување. Немавме друг избор освен отказ“ соопшти шефот Чарлс Тејлор за „The Daily Telegraph“.

Нина Фаруки, пак, вели дека не жали за стореното.

„Ми рекоа дека ме видоа на мечот и јас искрено им кажав зошто го направив тоа, но тие не сакаа да ми простат. Тоа е нивна одлука. Малку жалам за тоа, никој не сака да добие отказ, но уште повеќе ќе ми беше жал доколку ја пропуштев оваа прилика. Да можам, пак би го направила истото. Бевме во вестите, моето лице беше на секој телевизор во секоја куќа ширум светот, емоциите се помешани“ изјавила Фаруки и потенцирала дека дури и пријатели од Австралија и САД и се јавиле да и кажат дека ја виделе на преносот.

Scroll to Top