Фудбалската репрезентација на Шпанија конечно победи на ЕУРО2020. Во мечот од третото коло од групата Е избраниците на Луис Енрике со високи 5:0 ја поразија селекцијата на Словачка кој ги собра симпатиите на фудбалскиот свет во воведниот триум на првенството против Полска.
Уште во 12 минута Алваро Мората имаше можност да ја донесе својата селекција во предност. Шпанија доби пенал откако Коке беше соборен во шеснаесетникот. Мората биеше десно високо, но голманот Дубравка му го одбрани ударот.
Шпанија ја имаше иницијативата во првиот дел, а во 30. минута дојдоа во водство на неочекуван начин. Сарабија биеше во пречката од голот на Словачка, но топката која се спушташе пред голот на Дубравка, голманот несмасно ја смести во сопствената мрежа.
Словачка беше разнишана, а ги „дотолчи“ Емерик Лапорт со неговиот гол со глава во 45+2 за 2:0 за „Фуријата“ на полувремето.
Во вториот дел комплетно се распадна играта на Словаците, па најпрво Сарабија во 56 минута погоди за 3-0.
Четвртиот гол во мрежата на Дубравка беше дело на Феран Торес кој погоди по само неколку секунди откако влезе во игра, во 67 минута.
Точка на мечот и конечни 5-0 за Шпанија со автоголот на Куцка, во 71 минута.
На мечот во Русија од истата група, Емил Форсберг уште по 81 секунда донесе предност за „трите круни“ на мечот против Полска.
Иако наликуваше дека брзо ќе биде решен победникот во Санкт Петербург, посебно по вториот гол за Форсберг во 59 минута, сепак Роберт Левандовски не мислеше така.
Најпрво по многуте промашувања погоди конечно во 61 минута за 1-2, а донесе и израмнување 2-2 во 84 минута.
Последните минути од мечот Полска тргна со сите сите по победата која ќе им донесеше пласман во осминафиналето, но петтиот гол на мечот заврши во мрежата на Шчесни. Класон во 94 минута погоди за 3-2 за прво место за Шведска со 7 бода во групата Е. Тие одат на Швајцарија, Чешка или Украина во Глазгов.
Шпанија ја заврши групата како второпласирана со 5 бода и во осминафиналето „Фуријата“ оди на Хрватска во Копенхаген.
Заврши ЕП за Словачка и Полска.