Top Sport

„Совршена“ и рекордна Италија, Велс загуби и остана пред Швајцарија

Италија на Роберто Манчини израмни рекорд со 30 меча без пораз, и игра повеќе од 1.000 минути без примен гол, откако со 1:0 го совладаа Велс во последниот меч од групата А на ЕУРО 2020, за „совршен“ скор само три години кога се случи „националната катастрофа“ со неуспехот да се квалификуваат на Мундијалот во Русија.

Со победата, „аѕурите“ сигурно се поставија како едни од неочекуваните фаворити на шампионатот, и во исто време го израмнија рекордот на италијанската репрезентација на легендарниот Виторио Поцо, која од 1935 до 1939 година немаше пораз во 30 меча, освојувајќи ја титулата од СП во 1938 и од Олимпијадата во 1936 година. Последниот пораз на Италија е на 10 септември 2018 година од Португалија во Лигата на нации на УЕФА.

Поразот на Велшаните, сепак, им го обезбедува второто место на табелата и директен пласман во осминафиналето, додека Швајцарија, и покрај 3:1 победата над Турција (која си оди дома без поен и само со еден постигнат гол), е на третото место и треба да ги чека другите групи за да види дали е меѓу четирите третопласирани кои влегуваат во осминафиналето.

За разлика од претходните два меча, во кои победија со 3:0, овојпат на „аѕурите“ им беше доволен еден гол, тој на Матео Песина по асистенцијата на Марко Верати во 39. минута за трите поени. Велс поголемиот дел од второто полувреме го играше со 10 играчи по црвениот картон за Итан Ампаду во 56. минута, но Италијанците не го искористија ова.

Швајцарија, сигурно со 3:1 ја совлада Турција, предводена од двата гола на Џердан Шаќири. Харис Сеферовиќ им донесе рано водство уште во шестата минута, пред Шаќири со фантастичен гол во 26. минута да најави дека ќе одат на повеќе голови за да се надополни гол-разликата. Ирфан Кавечи го постигна првиот гол на Турција на ЕУРО 2020 во 62. минута, за само шест минути подоцна Шаќири повторно да стрела.

ГРУПА А

Италија – Велс 1:0

Швајцарија – Турција 3:1

Standings provided by SofaScore LiveScore

Графика: Sofascore за Топспорт.мк

Scroll to Top