Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне побара од Жоао Феликс да излезе и гласно да зборува, откако португалската ѕвезда во интервју изјави дека знае што е проблемот со „јорганџиите“ оваа сезона.
Откако лани стигнаа до титулата во Ла лига, Атлети во моментов се само петти на табелата и во серија во која имаат три порази во последните четири мечеви. И очигледно атмосферата на „Ванда метрополитано“ се вжештува откако Феликс изјави дека знае каде е проблемот.
„Мислам дека сите знаеме каде е проблемот во нашиот тим, иако не сакам да го кажам тоа“, изјави неодамна Феликс во интервју за „Атлетик“.
Симеоне реагираше луто.
„Прашајте го Жоао. Јас работам според мојот тим. Ако тој знае јасно во што е проблемот, бидејќи би било убаво да се знае“, изјави Симеоне.