Македонскиот репрезентативен голман, Столе Димитриевски, дебитираше за Рајо Ваљекано. Синоќа тој го бранеше голот на тимот од „Ваљехас“ стадионот, во Куп пресметката со Леганес.
Првиот натпревар што мадридските тимови го одиграа во рамките на шеснаест-финалето во Купот на Кралот, заврши без победник 2:2.
Рајо на овој меч испушти предност од 0:2, до која стигна со головите на Гарсија и Алегрија во 15. и 21.минута. Леганес успеа да го избегне поразот со головите на Ел Несири во 31. и 72.минута.
Димитриевски имал неколку одлични интервенции на голот на Рајо Ваљекано, меѓутоа израмнувачкиот гол на Леганес оди на негова душа.
Сепак по мечот во кој фудбалерите на Леганес упатиле 22 удари кон Димитриевски, а девет од нив оделе во рамките на голот, тренерот на Рајо Ваљекано, Мичел, рекол дека е задоволен од дебито на македонскиот репрезентативец.
„Нивото на кое бранеше Димитриевски беше многу добро, одлично. Ова беше негов прв натпревар за клубот, ќе му треба време да се прилагоди, но ни покажа дека можеме да сметаме на него“, рекол Мичел.