Top Sport

Ачерби: Тоа што имав рак, иронично, ми го спаси животот

Дефанзивецот на Лацио, Франческо Ачерби признава дека го загубил професионалниот и личен фокус, паѓајќи во стапицата на алкохолизмот, пред иронично, ракот да му го спаси животот.

На Италијанецот му беше дијагностициран рак на тестистите на рутински медицински тест пред трансферот во Сасуоло во 2013 година. По операцијата, неколку месеци подоцна тој падна на допинг-тест поради нерегуларно ниво на хормони предизвикано од ремисијата на ракот.

„Престанав да се плашам пред шест години. Си мислев, што ќе направиш ако се повтори. Ќе се соочам. Сега јасно ги гледам работите пред мене и знам дека никогаш не знаеш што ти носи следниот ден. Имав хемотерапија од 7 јануари 2014 до 14 март и тоа беше како да влезеш во некој паралелен свет од кој не можеш да излезеш. Свет на болка и храброст“, вели Ачерби во интервју за весникот „Ла република“.

По оздравувањето, Ачерби стана столб на одбраната на Лацио, но и на италијанската репрезентација.

„Мислам дека болеста ме направи подобар човек. Станав свесен за моето опкружување, ги отфрлив површните работи, но и негативните работи. Престанав да сонувам за недостижни работи и се фокусирам на најважното. Кога почина мојот татко, кога играв за Милан, бев на дното. Како да заборавив зошто играм. Почна во алкохолот. Можеби е страшен парадокс, но ракот ме спаси. Имав против што да се борам“, вели Ачерби.

Scroll to Top