Top Sport

Адис Јаховиќ се повлекува од репрезентацијата на Македонија

Чувствувам дека повеќе не сум во можност на вистински начин да одговорам на репрезентативните обврски и сега е време чесно да го соопштам тоа. Репрезентативниот напаѓач, Адис Јаховиќ се повлекува од македонската А репрезентација, објави ФФМ на официјалниот сајт.

Селекторот на македонската А селекција, Благоја Милевски повеќе нема да може да смета на напаѓачот кој има 19 настапи и три голови во дресот на Македонија.

Адис Јаховиќ долги години со успех настапува во турското првенство и едноставно вели дека сега е време за збогум од репрезентативниот дрес, бидејќи повредите и возраста во голема мера бараат повеќе време за одмор и закрепнување.

По тој повод, го пренесуваме неговиот допис до Фудбалската федерација на Македонија и А македонската репрезентација.

„Да настапуваш во дресот на македонската репрезентација е исполнување на детскиот сон. Токму затоа воопшто не е лесно да се каже збогум, но сега е време за тоа. Не само заради мене, туку и поради репрезентацијата, соиграчите и селекторот.

Чувствувам дека повеќе не сум во можност на вистински начин да одговорам на репрезентативните обврски и сега е време чесно да го соопштам тоа.
Би сакал да се заблагодарам на сите соиграчи од репрезентацијата и целиот стручен штаб. Благодарност за селекторот Благоја Милевски за соработката и целата поддршка. Минавме и тешки и радосни моменти. Спомените ќе ги чувам засекогаш.

Во оваа репрезентација има талент и квалитет. Убеден сум дека ќе продолжат да напредуваат и да ја радуваат македонската спортска јавност. Оваа генерација на македонски фудбалери зад себе веќе има големи резултати и се што треба е да продолжат да даваат се од себе на секој натпревар за Македонија. Во победа или пораз, навивачите тоа го ценат.

Јас секогаш ќе бидам поддршка за тимот и цела репрезентација.

Напред Македонија“.

Адис Јаховиќ дебитираше за Македонија на 14. ноември 2012 година на пријателскиот натпревар против Словенија.

Scroll to Top