Кога „аѕурите“ во 2017 година го загуби двомечот со Шведска и не се квалификуваше за Светското првенство во Русија во 2018 година, тоа во Италија беше протолкувано како национална катастрофа. Сега, четири години подоцна, дали македонската фудбалска репрезентација има доволно сила, знаење и умешност да предизвика втора национална фудбалска катастрофа на „чизмата“?
Токму во тој квалификациски циклус, Македонија имаше шанса првпат во историјата да се сретне со италијанската репрезентација и делумно бевме одговорни што тие загубија поени и завршија како втори во групата Г зад Шпанија.
Во Скопје, во третото коло во квалификациите, на 9 октомври 2016 година, Италијанците се „спасија“ во Скопје со гол на Чиро Имобиле во судиското продолжение. Андреа Белоти ги донесе гостите во водство, по што Несторовски и Хасани во само две минути (57. и 59.) направија пресврт. Имобиле во 75. минута израмни на 2:2, за во 95. минута да освои три поени за гостите. На 6 октомври следната година пак, во Торино, Македонија освои поен со 1:1 реми. Џорџо Кјелини во 40. минута ги донесе во водство домаќините, а Александар Трајковски во 77. минута израмни на 1:1.
Да потсетиме, Италија по колапсот во овие квалификации го отпушти селекторот Џанпјеро Вентура, и му зададе задача на Роберто Манчини да направи целосна обнова. Тој успеа во тоа откако ова лето станаа европски шампион, добивајќи ги Англичаните сред „Вембли“, и очекувањата беа рутински да завршат на првото место во својата група. Меѓутоа две скапи промашувања на Жоржињо од белата точка придонесоа Швајцарија во последното коло да ги помине на табелата и да обезбеди директен пласман.
Бугарија и Северна Ирска покажаа дека не е невозможно да се извлече барем реми против силниот противник, така што сега на дело треба да се покажат момците на Благоја Милевски.
Графика: Sofascore за Топспорт.мк