Top Sport

„Аѕурите“, конечно, се пласираа на големо натпреварување! (видео)

Италија по пауза од четири години ќе се појави на едно големо натпреварување, откако со 2:0 победата над Грција на „Олимпико“ во Рим го потврдија учеството на Европското првенство во 2020 година.

Роберто Манчини ја заврши работата за која беше именуван, откако во седмото коло ја забележа и седмата победа во овој квалификациски циклус, година и пол откако Италија го доживеа најголемиот фудбалски шок, неуспехот да се квалификуваат на Светското првенство во Русија по поразот од Шведска во баражот во два меча.

Против цврстите Грци, „аѕурите“, инаку во „ренесансни зелени“ дресови за одбележување на младите фудбалери, се мачеа да ја поминат одбраната и го скршија отпорот дури во 63. минута, кога беше досуден пенал, а Жоргињо беше прецизен од белата точка. Конечните 2:0 во 78. минута ги постави Федерико Бернардески. Грција веќе е елиминирана во групата Ј, додека за второто место ќе се борат Финска, Босна и Херцеговина и Ерменија, која „киксна“ вечерва со 1:1 реми со аутсајдерот Лихтенштајн.

Победничката низа не ја продолжи и Шпанија, откако Норвешка со гол од пенал во 94. минута стигна до 1:1 реми на „Улевал“ во Осло. Саул во 47. минута најави победа за тимот на Роберт Морено, кој веќе се имаше квалификувано за ЕП, меѓутоа Норвежаните во драматична завршница во 94. минута израмнија со гол од пенал на Џошуа Кинг. Шведска со 4:0 ја победи Малта за да се промовира во прв фаворит за второто место покрај репрезентацијата на Романија.

ЕВРО 2020, КВАЛИФИКАЦИИ

ГРУПА Ј

Босна и Херцеговина – Финска 4:1

Италија – Грција 2:0

Лихтенштајн – Ерменија 1:1

Табела: 1.Италија 21, 2.Финска 12, 3.БиХ 10, 4.Ерменија 10, 5.Грција 5, 6.Лихтенштајн 2

ГРУПА Ф

Фарски Острови – Романија 0:3

Малта – Шведска 0:4

Норвешка – Шпанија 1:1

Табела: 1.Шпанија 19, 2.Шведска 14, 3.Романија 13, 4.Норвешка 10, 5.Малта 3, 6.Фарски Острови 0

Scroll to Top