Еркут Согут, агентот на Месут Озил одговори на критиките од претседателот на Баерн Минхен, Ули Хенес на одлуката на неговиот клиент да се откаже од германскиот национален дрес.
29-годишниот Озил изјави дека нема да игра повеќе за Германија поради „третманот од германската федерација (ДФБ)“ пред и по СП во Русија, бидејќи неговите „турски корени“ им пречат на луѓето во националниот тим.
На ова експресно одговори Хенес, кој изјави дека Озил и така не вредел да биде дел од тимот повеќе години, бидејќи „нема добиено дуел од 2014 година“ и дека сака со политика да ги прикрие слабите игри. Согут вели дека критиките не се фер.
„Коментарите на г-динот Хенес целосно ја промашуваат поентата, бидејќи тие немаат врска со фудбалот. Тој се обидува да ја избегне главната тема, а тоа е расизмот и дискриминацијата во Германија, во секоја пора на општеството. Месут секогаш ги прифаќал фер-критиките кон неговиот фудбал, но ваквите критики се идиотски. 23 гола, 40 асистенции и пет награди за најдобар фудбалер во Германија, фактите зборуваат сами. Хенес како претседател на Баерн не ги гледа перформансите на неговите фудбалери, од кои осум беа во германската репрезентација. Хенес не само што е срамота за самиот себеси, туку и за германскиот фудбал“, вели Согут.