Голем број од навивачите на „Вила парк“ решија да си заминат по само дваесетина минути од мечот со англискиот шампион Манчестер сити, откако Астон вила доживеа вистинска катастрофа против „граѓаните“ губејќи со 1:6, со три гола во првите 28 минути игра. По поразот, Вила е во зоната за испаѓање, откако претходно Вотфорд ги помина по 3:0 победата над Бурнмаут.
Играта на домаќините се „распадна“ уште во 18. минута, кога Ријад Марез направи неверојатен соло-продор во шестнаесетникот и стрелаше прецизно за 1:0. Во 24. минута, Алжирецот уште еднаш стрелаше, а кога Серхио Агуеро во 28. минута го постигна првиот од своите три гола, снимките од стадионот јасно покажуваа како навивачите си заминуваа од „Вила парк“.
Габриел Жесус во финишот на полувремето погоди за 4:0, за во второто полувреме, Агуеро да го комплетира хет-трикот со голови во 57. и 81. минута од мечот. Ова е дури 12. хет-трик во Премиер лигата за Агуеро (со што го помина Алан Ширер на првото место), а со трите гола тој се израмнува на четвртото место на вечната листа со Френк Лампард. Во 91. минута од мечот, Вила успеа да постигне гол од белата точка преку Ел Гази.
Сити со победата се искачија на второто место на табелата со 47 поени, далечни 14 поени зад Ливерпул, додека Вила сега се 18-ти со 21 поен, еден поен зад Вотфорд на 17. и Вест хем на 16. место.