Top Sport

Агуеро: Клучно за мојата кариера беше откажувањето од скарата

Напаѓачот на Манчестер сити, Серхио Агуеро вели дека откажувањето од јадењето скара и аргентинско месо е клучно во оддржувањето на формата, признавајќи дека со поранешната исхрана чувствувал вртоглавица на теренот.

31-годишниот Аргентинец од 2011 година има постигнато дури 254 гола во 368 меча за Манчестер сити, но признава дека имало период во кариерата во која вишокот килограми му предизвикал големи проблеми.

„Мислам дека од 2013 до 2016 година не можев да најдам вистинска диета. Но, тогаш се запознав со еден доктор од Италија и тој ми го смени мислењето. Му кажав што јадам обично, а тогаш јадев многу месо и тој ми кажа да се обидам да го скратам тоа на еднаш неделно. Но, се адаптирав. Тој ми советуваше кога сум многу гладен да јадам ориз и пилешко. Во фудбалот, дури и половина килограм прави разлика“, вели Агуеро во интервју за аргентинскиот „ТyC спортс“.

Кога Пеп Гвардиола пристигна на „Етихад“, иднината на Агуеро во тимот стана неизвесна, но откако Каталонецот ги примора своите фудбалери на стриктно внимавање на исхраната, забранувајќи пица и грицки на тренинзите, Агуеро ослабе.

„Во 2016 и 2017 имаше натпревари на кои имав низок крвен притисок. Се чувствував лошо и имав вртоглавица. Некои велеа дека тоа е од апчињата кои ги земав – против воспаление, витамини, но не беш тоа, туку беа килограмите. Имав 81 или 81.3 килограми, а обично тежам 79.5 или 80 килограми. Кога стигнав во Атлетико имав 77, така што за 13 години се здебелив 13 килограми.  Од клубот постојано не контролираат“, додава Агуеро.

Scroll to Top