Top Sport

Агуеро пак беше кошмар за Челси, Сити ја почнува сезоната со титула (видео)

Шампионот од англиската Премиер лига, Манчестер сити со 2:0 го совлада освојувачот на ФА купот, Челси на „Вембли“ во официјалното отварање на новата сезона, мечот од Комјунити шилд (англискиот суперкуп) благодарение на фантастичниот Серхио Агуеро, кој уште еднаш покажа колку вреди.

Дуелот на Сити и Челси беше промовиран како судир на две слични фудбалски филозофии, на Пеп Гвардиола и на новиот стратег на „сините“, Маурицио Сари, но ако се смета почетокот, тогаш е јасно дека ќе биде многу тешко да се симне Манчестер сити од врвот во Премиер лигата. Ова е првпат од 2013 година, шампионите на лигата да триумфираат на традиционалното отварање на новата сезона.

На Агуеро му беа потребни само 13 минути за да го отвори резултатот, кога по асистенција на Фил Фоден, шутираше прецизно од работ на шестнаесетникот. Ова беше неверојатен 200. гол во кариерата на Кун Агуеро за Сити, откако и претходно беше најдобар стрелец на клубот.

Агуеро беше на вистинското место и во 58. минута, кога Бернардо Силва му даде одлична топка, а тој го „матираше“ Вили Кабалјеро. Ова беше седми гол во шест настапи против Челси на Агуеро.

За Сити, своето официјално деби го имаше Алжирецот Ријад Марез, но како и лани вистински лидер на тимот беше Давид Силва во средината на теренот, играјќи ја препознатливата игра на Гвардиола и англиските шампиони.

Scroll to Top