Ајакс ја запиша својата 34. титула од Ередивизие, прва од 2014 година, откако во последното коло на холандскиот шампионат не остави ништо на случајноста, победувајќи го рутински новиот второлигаш Графшап со 4:1 за да ја потврди двојната домашна титула.
По срцепарателното испаѓање од полуфиналето на Лигата на шампионите од Тотенхем со примен гол во 95. минута од мечот, за оваа силна генерација на „копјаниците“ (која нема долго да остане заедно), домашната двојна титула доаѓа како потврда на супериорноста во Холандија оваа сезона.
Пред последното коло, само математика го оставаше ПСВ Ајндховен во игра за титулата (победа со огромен број на голови и пораз на Ајакс од слабиот Графшап), и покрај 3:1 победата над Хераклес, Ајндховен останува на три поени зад клубот од Амстердам.
Ова беше дефинитивно последен меч на талентираниот Френки де Јонг во дресот на Ајакс по потпишаниот трансфер во Барселона, но се очекува и други фудбалери на клубот да бидат „грабнати“ од големите европск клубови – Матијс де Лихт, Дони ван дер Бек, Хаким Зијеш, Душан Тадиќ, а и тренерот Ерик тен Хаг веќе е поврзуван со заминување.
Ајакс и ПСВ следната сезона ќе играат во Лигата на шампионите, Феенорд и АЗ Алкмар во Лига Европа, а од Ередивизие испаѓаат Екцелзиор, Графшап и Бреда.